Побарајте дозвола за да сечете дрво во сопствениот двор

 

И во случај на потреба од сечење дрво во приватен двор, потребно е решение за сечење издадено од страна на Секторот за комунални работи на Град Скопје. Потребно е граѓаните да се обратат со писмено барање за сечење до Град Скопје (образецот го има на веб-страницата на Градот) и откако комисија од Градот ќе излезе на терен да ја види фактичката ситуација и ќе издаде решение за сечење, дури тогаш може да се исече дрвото, информираат од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“

 

Скопје сѐ уште изобилува со населби каде што има семејни куќи со дворови, каде што засадените растенија или дрвја се во зависност од желбите и потребите на сопствениците на дворовите. Иако во помал број, во градот има и станбени згради што имаат дворови уредени исто така според желбите и потребите на станарите. Доколку желбата за дрвја кај сопствениците на дворовите се смени и тие повеќе не сакаат да ги имаат во сопствените дворови, не можат веднаш да ги исечат. И за тоа е потребно да добијат дозвола, бидејќи никој не смее да сече дрво без претходно да добие согласност од надлежните власти.

 

НЕОПХОДНА ОДЛУКА НА СЕКТОРОТ ЗА КОМУНАЛНИ РАБОТИ

Скопје има сѐ помалку дрвја. За жал, урбанизацијата го зема својот данок, па цената за изградбата на улици, куќи и згради, жителите на градот ја платија со исечени дрвја. Од тие причини, скопјани денес штом ќе забележат дека некаде се сечат дрвја реагираат бурно и со негодување.

Сепак, во таквите битки сите велат дека на тој начин своеволно може да се сечат дрвја во сопствениот двор, но тоа воопшто не е така. И за приватните дворови, во сопственост на физички лица, мора да се добие дозвола за да се исече дрво. Никој не смее да сече дрво без претходно добиена согласност од Секторот за комунални работи на Град Скопје.
– И во случај на потреба од сечење дрво во приватен двор, потребно е решение за сечење издадено од страна на Секторот за комунални работи на Град Скопје. Потребно е граѓаните да се обратат со писмено барање за сечење до Град Скопје (образецот го има на веб-страницата на Градот) и откако комисија од Градот ќе излезе на терен да ја види фактичката ситуација и ќе издаде решение за сечење, дури тогаш може да се исече дрвото – информираат од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.

 

НИКОЈ НЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕША ВО ПРИВАТЕН ДВОР, НО…

И покрај јасно дефинираните правила кога се во прашање дрвјата, многу граѓани вооппшто не се запознаени со нив, а некои од нив и негодуваат поради таквата ситуација. Велат дека никој не може да им дава дозвола за тоа дали дрвото што го имаат во дворот смее да се сече или не.

Да знаев дека постои такво правило, прв ќе го пријавев соседот, бидејќи сечеше топола во својот двор со која ми ги оштети покривот, оградата од дворот и автомобилот. Сите знаат колкаво дрво е тополата и колку е ризично доколку некој се одлучи да го исече сам, на своја рака. Тоа беше кошмарно, заморно и со голема штета. Иако на крајот добив обесштетување, сепак, подобро ќе беше тоа да го направеа професионалци, а не мојот сосед, кој првпат во својот живот сечеше дрво – вели Боби Столески.

Оние што негодуваат велат дека никој не смее да се меша во нивниот приватен двор. Велат дека ако сакаат, ќе имаат дрвја, а ако не сакаат, ќе ги исечат и за тоа не им е потребна дозвола.
– Каква слобода и каква демократија е тоа кога јас треба да добијам дозвола од некого за да си го уредам дворот по мој вкус? Можеби дрвото ми причинува алергија, ми прави штета на автомобилот, со корењата ја крева оградата…. има милијарда причини што можам да ги набројам, а кои од надлежните не би биле разбрани и не би добила дозвола. Јас секогаш сакам и сум за природа, и самата сум постојано на планина, но кога е во прашање нешто вакво, мислам дека не смеат да постојат вакви ограничувања – вели Љубица Андоновска.

 

СЀ УШТЕ СЕКОЈ СЕЧЕ ПО СВОЈА ЖЕЛБА

И покрај тоа што правилата за игра се јасни, многумина воопшто не ги почитуваат. Дрвја, за жал, се сечат и во приватни дворови, но и во јавни паркови, и тоа од приватни лица што одлучиле дека дрвјата им пречат.
– Живеам во зграда во Аеродром и едно од засадените дрвја во близината на зградата му пречело на соседот, па тој реши да го исече. Гранките му удирале во прозорецот, на терасата му се правело многу ѓубре и затоа без да се консултира со некого, зеде моторна пила и го исече. Почна од неговата тераса, оттаму ги искастри сите гранки, па продолжи надолу. Остави трупче да стои, од каде што сега никнуваат мали стебленца, па дрвото воопшто не ја врши својата улога, туку личи на грмушка – вели Билјана Стојковска.
И во приватните дворови сликата не е поинаква. Секој си сече кога сака, без да набави дозвола.
– Ниту имам време да барам дозвола ниту, пак, планирам да ја барам. Дрвото ми пречеше и го исеков. За тоа што мене ми одговара во мојот двор, никој не може и не смее да донесе одлука – вели Бошко Алексовски.

 

Извор: https://www.novamakedonija.com.mk/

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!