Најавен протест на вработените во ЈП „Национални шуми“ пред Дирекцијата

Изневерени, измамени и оставени на цедило, вработените од ЈП „Национални шуми“ за во среда на 17.04.2024 година во 11.00 часот се подготвуваат за масовен протест пред главната Дирекција на јавното претпријатие. Притиснати од проблемите поради неисплатените плати, надоместоците на трошоци за теренски работи и здравствено осигурување, вработените немаат друг избор освен гласно да си ги побараат своите права пред Дирекцијата на јавното претпријатие.

Одлуката за ваква ескалација на штрајкот доаѓа како резултат на низата лажни изјави за исплата на заостанатите плати и после давањето на можност раководителите и менаџментот преку ставање во мирување на штрајкот да обезбедат плата што не вроди со плод. Очајот и разочараноста помеѓу вработените ги зголемува и безизлезноста во која се наоѓа јавното претпријатие и загриженоста дека не само што ги немаат добиено заостанатите примања, туку несигурна е исплатата и на следните плати.

 

Вработените соочени со сериозни проблеми

Но проблемите на вработените се навистина сериозни, бидејќи ниските примања едноставно не им оставаат никаква можност да акумулираат финансиски средства за пребродување на кризни моменти. Затоа, пристигнатите рати од кредитите, заостанатите сметки за комуналии, трошоци за храна, образование на децата и другите трошоци, сериозно ги погодуваат вработените.

Во целата ситуација сепак се чини дека најпогодени се хронично болните, бидејќи товарот од неисплатените заостанати плати дополнително ги влошува неплатеното здравствено осигурување. Поради тоа тие се оставени на цедило и мораат да се снаоѓаат како знаат и умеат за да го платат лекувањето приватно.

Неплатеното здравствено осигурување е навистина нехуман и нечовечен однос кон вработените кои се во постојан страв да не се разболат или повредат, а со оглед на природата на работата во често исклучително ризично опкружување, опасностите од повреди се навистина големи.

Затоа се очекува сите оние кои се погодени од неисплатата на платите, теренските дневници и здравствено своето незадоволство да го изразат преку протестот. Ставот на Синдикатот е дека секој кој сака да работи без плата и дневници или да си плаќа приватно лекување слободно може да си продолжи да работи и да оди на терен. Сепак при тоа треба да се свесни дека неплатеното здравствено осигурување ги става доста непријатна ситуација, при евентуална повреда да мораат приватно да си ги подмируваат лекувањето.

 

Вработените оставени на цедило од Владата

Сепак во целата ситуација се добива впечаток дека вработените се оставени на цедило и од Владата, која иако техничка сепак има обврска да го продолжи континуитетот на претходните Влади. Тие со своите одлуки имаат директно и големо влијание врз рентабилноста и успешноста во работењето на јавните претпријатија, па ни ЈП „Национални шуми“ не е имуно на таквото влијание. Затоа секоја досегашна Влада преку разни начини обезбедувала еден вид на финансиска компензација за амортизирање на штетните одлуки кои имале негативни импликации врз работењето на ЈП „Национални шуми“.

Се чини дека сегашните проблеми се всушност кулминација на со години наталожените проблеми, помеѓу кои и дел предизвикани токму од одредени владини одлуки. Иронично, но кулминација на проблемот со јавното настана токму во моментот кога владата е предводена од партија која пред граѓаните и пред ЕУ се промовира како „зелена“ партија. Очигледно власт не подразбира само парада со службени возила по селата низ државата, туку одговорна и совесна работа во интерес на граѓаните.

За жал, може да се покаже дека вработените во ЈП „Национални шуми“, помеѓу кои и голем број на Албанците кои се гласачи на партијата која моментално ја води Владата, се оставени без своите права токму од партијата која со полни усти се залага за подобрувања на нивните права.

 

Штрајк и протест единствена опција за вработените

Очигледно дека наталожените проблеми од формирањето до денеска предизвикани од лошите менаџерски практики, влијание на политиката врз јавното претпријатие и штетни одлуки на Владите, го втурнаа јавното претпријатие во финансиски колапс.

Проблемот дополнително го зголемува немање осет на Владата за состојбата во која се наоѓа ЈП „Национални шуми“, поради што не само што се мали шансите вработените да ги добијат заостанатите плати, туку и платите во наредниот период.

На вработените не им останува ништо друго освен своите права да си ги бараат преку Штрајк, а своето незадоволство да го изразат преку протест. Се разбира тоа се однесува само на оние кои платата нешто им значи, кои не можат да ги извршуваат теренските активности без надомест со кој се покриваат трошоците за тие активности и кои поради неисплатените плати и неплатено здравствено осигурување не може да си ги плаќаат здравствените услуги.

 

За ограничување на право на штрајк парична казна или затвор

Постојат информации дека вработените во поедини подружници се соочуваат со разни притисоци, закани и манипулации се со цел да се присилат да не штрајкуваат, но раководителите и директорите немаат никакво право на вработените да им го ускратат правото на Штрајк. Правото на штрајк е загарантирано со Устав и со низа закони кои се однесуваат на работничките права, па секој обид за негово попречување раководителите и директорите ги доведува во ризик да се соочат со законски санкции.

Да нагласиме дека според член 155 од кривичниот закон на Р.М, секој оној што со сила, измама или на друг начин ќе смеќава свикување или одржување мирен јавен собир ќе се казни со парична казна или затворска казна од 1 година. Исто така според член 156 од кривичниот законик  секој кој на друг со сила или сериозна закана ќе му го одземе или ограничи правото на штрајк ќе се казни парично или со казна затвор.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!