На Скопска Црна Гора дејствувало „паралелно“ шумско стопанство

Во голема полициска акција на Скопска Црна Гора запленети 400 кубици бесправно исечено огревно дрво, приведени 10 дрвокрадци. Ова може да ви звучи како настан за рубриката „верувале или не“, но за жал вистина е и ја отсликува суровата реалност со шумарството во нашата држава и систематското уништување на шумите.

На 19.09. и 20.09.2023 на место викано Рамно на планината Скопска Црна Гора, во заедничка акција на  Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување при Одделот за специјални полициски операции, СВР Скопје, Шумска полиција и Јавното претпријатие „Национални шуми“, од слобода биле лишени С.А.(28), Р.А.(22), Џ.А.(24), Е.А.(37), Б.С.(39), Д.А.(51), Ќ.А.(53), С.А.(47), Џ.С.(34), сите од с.Брест и Б.М.(27) од с.Арачиново, скопско.

Лицата биле затекнати на местото при бесправна сеча на дрва и притоа биле пронајдени околу 400 кубни метри исечено огревно дрво. На местото биле пронајдени четири товарни возила натоварени со огревно дрво, едно патничко возило, три моторни пили и други предмети  кои биле користени за сеча на дрвата. Возилата, дрвата и другите предмети биле одземени за понатамошна постапка, а лицата биле задржани во полициска станица и со нив бил извршен службен разговор.

По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 226 од Кривичниот законик.

Според затечената состојба на теренот и количината на запленето огревно дрво, може да се добие впечаток дека оваа планина дејствувало „паралелно“ шумско стопанство. Со оглед на механизацијата по се изгледа и дека тие дури биле подобро опремени од подружницата на ЈП „Национални шуми“ која дејствува на овој регион.

Да се посече толкава површина, да се затекне толку голема количина на дрвна маса и да биде ангажирана толкава механизација, тоа значи дека тие долг период делувале несметано од никого. Некој ќе треба да даде одговор, како е можно да се изврши пустошење од толку голем размер и тоа да се случува долг период без при тоа никој да не преземе никакви мерки.

Не е познато дали до сега е спроведена некаква интерна истрага во рамките на јавното претпријатие или шумската полиција, за да се испита евентуална поврзаност на некој од вработените со овој криминал или за испуштен надзор и контрола.

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!