Голем протест на вработените во ЈП „Национални шуми“

Вработените во ЈП „Национални шуми“ во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и во Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) добија силен сојузник во борбата за остварување на своите права, што резултира со се погласно барање на своите работнички права.

Како резултат на тоа денеска бевме сведоци на еден историски настан во шумарството во Македонија. За прв пат во историјата вработените во шумарството изразија протест за газењето на нивните права и достоинство при што покажаа големо единство, обединетост и слога.

Измамени, изманипулирани и оставени на цедило без плати, додатоци на плата и без здравствено осигурување, на вработените во очај не им остана ништо друго освен да се соберат пред главната Дирекција на ЈП „Национални шуми“ за гласно да го изразат својот револт и огорченост.

Очигледно залудни беа притисоците на поедини раководители да се опструира и минимизира протестот, сепак очајот и безизлезноста во која се доведени вработените е преголема за да може некој да си поигрува со нивната судбина. За еден вработен нема поголема казна од тоа да работи без плата и без здравствено осигурување, а големи се изгледите дека и во наредните неколку месеци нема да земат плата и нема да имаат здравствено осигурување.

Не залудно рекле дека силата е во народот, а кога на народот ќе му дојде преку глава таа сила никој не може да ја задржи. Затоа денеска вработените од ЈП „Национални шуми“ ништо не можеше да ги спречи масовно и сложно да застанат еден покрај друг и гласно да побараат исплата на заостанатите плати, додатоци на плата и здравствено осигурување.

По се изгледа дека и господ ги сака праведните, па така и покрај најавите за големи врнежи од дожд, времето во текот на протестот беше милосливо кон вработените во ЈП „Национални шуми“, па така протестот помина во најдобар ред, без инцинденти и во идеални временски услови.

 

Да не ги лажат вработените туку да им обезбедат плата

Од протестот Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) апелираше до менаџментот на ЈП „Национални шуми“ и Владата да не си поигруваат со судбината на 1.800-те вработени во јавното претпријатие и да им обезбедат плата, во спротивно најавува радикализирање на протестот и негово префрлање и пред Владата.

Како што изјави пред насобраните новинари претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) Иван Пешевски чиј член е и синдикатот на ЈП „Национални шуми“:

– Денес 30 подружници од цела Република се собраа пред ЈП „Национални шуми“ да го изразат своето раководство бидејќи втор месец немаат плата. Не се проблем само платите, туку и теренскиот додаток што не е исплатен, а се тераат луѓето да одат на работа. Во меѓувреме во претпријатието има штрајк, луѓето се на своите работни места и не ги извршуваат задачите, бидејќи се гневни на менаџментот, директорот и нивните раководители, како и на сите претставници од власта зашто сите земаат за 80 отсто зголемени плати, а тие втор месец не земаат. Веќе третиот месец тече и доколку денеска има една исплатена плата повторно ќе немаат здравствен осигурување.

Како што кажа, ставот на менаџментот на јавното претпријатие е дека зимскиот период секогаш е тежок и праша доколку е тежок како можеа во тој период да набават нови возила и да потрошат милионски суми, а да не обезбедат плата за вработените. Тој воедно посочи дека ако во претпријатието можеле пред избори да вработуваат луѓе и да ги лажат, сега треба за сите 1800 вработени да обезбедат плата, а не само да одат по градовите и да имаат лажни ветувања.

Тој ги повика сите претставници на власта и на политичките партии кога одат по градовите во рамките на изборната кампања да ги прашаат луѓето за нивните проблеми, а не да кажуваат што ќе направат или што не направиле тие пред нив. Ако продолжат вака, потенцира, нема да дочекаат да има народ на избори.

-На работникот во Македонија му е згорчено од политика и од сето она што го живее секојдневно и оди на работа за плата и за додатоци на плата. Срамно е во 21 век да се молиме за плата за месеци кои луѓето ги изработиле. Ако се прашуваат некои или кажуваат дека има лопови во Национални шуми, јас од тука  им кажувам дека лоповите се во дирекција и во фотелји, лоповите не се ни сеча, ни дотур, ни сите шумари кои и онака земаат мизерни плати, рече Пешевски и посочи дека во претпријатието не треба да има сезонски вработувања од 10 месеци годишно, туку вработените треба да работат 12 месеци, да земаат плата и да им бидат платени придонеси.

Најави дека планираат во следните денови да го радикализираат протестот пред Влада и да го заокружат и 1 Мај како Меѓународен ден на трудот. Во следните денови, како што кажа, ќе бидат се побројни и погласни, а особено вработените во јавниот сектор, бидејќи, посочи, „врие и во Паркови и зеленило, во Комунално, во Водовод, Водостопанство, Македонски пошти, кај културните работници каде има мизерни плати“.

 

Синдикатот најпозитивно случување во шумарството

По се изгледа дека овој синдикат е нешто најпозитивно што се случило во ЈП „Македонски шуми“ од формирањето па до денес. Благодарение на него постепено се буди свеста помеѓу вработените за одбрана на своите права, но тој и ги обединува за нивен поактивен пристап во процесите за подобрување на состојбите во шумарскиот сектор.

А проблемите со кои се соочува ЈП „Национални шуми“ се навистина големи и сериозни. Неисплатените плати, додатоци на плата и здравствено осигурување се секако најсериозни проблеми, но тие се само дел од проблемите зад кои се затскриваат и еден куп други, како што се нереално вреднување на трудот, немање заштитна опрема, лоши услови за работа, недостаток на основни средства за работа и сл.

Дополнително може да ја усложнат ситуацијата ако се покажат како вистините информациите дека имотот на подружниците е даден под залог, па и она малку преостанато создавано од периодот пред формирањето на јавното претпријатие, лесно може да се случи да биде разграбано и уништено.

Така што ова е само една битка, но долг е патот додека вработените се изборат целосно за своите права. Воедно преку синдикалното здружување можат да се наметнат како сериозен фактор во креирање на иднината на шумарството, бидејќи тоа веќе е влезено во еден процес на реформи, а се разбира најзасегнати од состојбите и иднината се токму вработените во шумарството.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!