Дали заштитените подрачја му пресудија на ЈП „Национални шуми“?

Прогласувањето на заштитените подрачја Осоговски планини во ноември 2020 година, на Малешевски планини во декември 2021 година и на Шар Планина за национален парк во јуни 2021 година, беа претставувани како голем успех на животна средина, екологистите и невладините организации во нашата држава. Со таа одлука на Владата се очекуваше да ја подигне заштитата на шумите на едно повисоко ниво. Сепак нивните апетити тука не престануваат па се најавува прогласување и на други подрачја за заштитени, помеѓу кои и оние од Натура 2000.

Сето ова наликува на популизам и обид да се престави дека нешто добро се прави во државата, но всушност тоа е само една убаво спакувана приказна, зад која се затскриваат еден куп проблеми кои подоцна доаѓаат до израз за управувачите на тие подрачја и сопствениците на приватни шуми.

Се чини дека лошото планирање на проектите со кое не се обезбедува издржана и стабилна финансиска конструкција за функционирање на тие заштитени подрачја, допринесува да се создадат услови за сериозни финансиски проблеми на управувачите со тие подрачја и сопствениците на приватни шуми.

Приказните од типот дека заштитените подрачја ќе создадат можност од дополнителни приходи се често неиздржани, бидејќи тие често се условени од стандардот на граѓаните, навиките, традициите, законите, инфраструктурата.

Затоа убаво би било кога ни раскажуваат приказни за европските искуства со заштитените подрачја да ни кажат и како се финансираат тие, колкава е таму државната помош за нивното одржување и колкави субвенции се даваат на сопствениците на приватни шуми.

Како за пример, во Словенија преку 60% од приходите на национален парк Триглав се од државни извори и од ЕУ фондови.

Па дури и држави кои не се членки на ЕУ имаа оформено механизми за државна помош на тие заштитени подрачја. Како на пример при прогласување на Стара Планина за заштитено подрачје во првите 5 до 10 години државата обезбедувала разна финансиска помош за Србија шуме која управува со тоа подрачје. Дури и таков гигант на овие простори во шумарството како што е Србија шуме, со толку голема дрвна резерва и големи ингеренции на просторот на Стара Планина, имал голем проблем да го направи ова заштитено подрачје самоодржливо од финансиски аспект, па и требало најмалку 10 години да го достигне тоа ниво.

 

Катастрофални економски показатели за засегнатите подружници

 

Ако се направи анализа на остварените финансиски резултати на подружниците кои се најзасегнати со прогласувањето на заштитените подрачја Осоговски планини и Малешевски планини, но и на националниот парк „Шар Планина“, може да се согледа негативниот ефект врз ЈП „Национални шуми“. Во следната табела е даден вкупните податоци за остварените финансиски резултати на подружниците Берово, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Кочани, Гостивар и Тетово, извадени од Годишните извешти за работењето на ЈП „Национални шуми“, според кои:

 

2019 2020 2021 2022
1.246.338 -3.599.383 -13.942.266 -64.251.149

 

Како што се гледа од претходните показатели, загубата на подружниците кои биле најзасегнати со прогласувањето на заштитените подрачја и националниот парк, бележат постојани и изразени негативни финансиски резултати.

Во 2019 година кога не биле прогласени заштитените подрачја, вкупните остварени финансиски резултати на најзасегнатите 7 подружници со прогласувањето било позитивно и заедно имале добивка од 1.246.338 денари. Во 2020 година кога се случило прогласувањето на заштитеното подрачје „Осоговски планини“, засегнатите подружници оствариле негативен ефект од -3.599.383 денари, додека во 2021 година се прогласил дел од Малешевски планини за заштитено подрачје и националниот парк „Шар Планина“, негативниот биланс изнесувал -13.942.266 денари. Во 2022 веќе се случува финансиски крах на овие подружници и сите до една работат со загуба, при што вкупната загуба од работењето на овие 7 подружници изнесува -64.251.149 денари. Загубата за подружниците од Малешево можеби би биле поголеми, ако не се случил зголемен прилив на финансии од продажба на дрвни сортнименти од опожарените површини.

Се чини дека најголеми последици од прогласувањето имаат подружниците Берово, Пехчево, Крива Паланка, и Гостивар, кои отсекогаш важеле за силни подружници кои давале голем придонес во буџетот на ЈП „Национални шуми“.

 

Дали екологистите го доведоа до крах шумарството?

 

Според тоа, како една од причините за финансискиот колапс на ЈП „Национални шуми“, може да се побара и во агресивниот пристап на екологистите и игнорантскиот однос на Владата, кои всушност можеби му го нанесоа и фаталниот удар на претпријатието.

Секако дека не е реално да се каже дека финансискиот колапс на ЈП „Национални шуми“ се должи само на негативните финансиски импликации од прогласувањето на заштитените подрачја, но реално е да се претпостави дека наметнатите ограничувања и дополнителните обврски му зададоа голем финансиски удар на јавното претпријатие.

За жал, укажувањето на упатените лица дека заштитата е скапа работа и моментално јавното претпријатие не е во добра финансиска кондиција да го издржи тој товар, изгледа не го сфатија сериозно промоторите на заштитените подрачја. Тие занесени од своите приказни за некои идни процеси и подобри времиња, целосно заборавија на суровата сегашност и проблеми со кои се соочуваме во денешно време.

Очигледно бегање од одговорноста на промоторите на заштитените подрачја за финансиската одржливост на заштитените подрачја со изговорите од типот „тоа не е наш проблем“, може да покаже дека се една од причините околу 2.000 вработени деновиве да бидат оставени без основни егзистенционални примања. Но не само вработените, од колапс на шумарскиот сектор може силно да бидат погодени и граѓаните кои се греат на дрва, трговците со огревно дрво, како и целата дрвопреработувачка индустрија.

Штетата и последиците врз граѓаните може да бидат и поголеми ако се има во предвид што во нашата држава шумарството има и социјален карактер, но и ги одржува во живот голем број на рурални делови од државата.

Изгледа дека поединци не го сфаќаат значењето на ЈП „Национални шуми“, но и на шумарството за граѓаните и државата, па со избрзани и недоволно анализирани постапки лесно си поигруваат со неговата судбина.

 

Приватните сопственици со слични проблеми

 

По се изгледа дека товарот од прогласувањето на заштитените подрачја не го чувствува само ЈП „Национални шуми“, туку и приватните сопственици на кои се чини дека им биле премолчани некои работи. Не би го употребиле зборот „изманипулирани“ зашто е премногу тежок, но по се изгледа дека сопствениците на приватни шуми со цел да се добие нивна согласност не им биле доволно јасно укажани ограничувањата и обврските кои и нив ги чекаат.

Подоцна тоа резултираше со протести на сопствениците на приватни шуми, кои беа незадоволни од наметнатите ограничување без да им се обезбеди компензација за тоа.

 

Повнимателни со прогласување на заштитени подрачја

 

Од искуството може да се заклучи дека во иднина треба да бидеме многу внимателни со прогласување на заштитени подрачја, бидејќи хартија трпи се и на неа може да се стави било што, но ако тоа не се базира на издржани и реални економски параметри, не само што нема да се подобрат состојбите, туку и дополнително ќе се влошат.

Секако дека не сме против прогласување на заштитени подрачја, иако сите шуми во државата согласно законот за шуми член 5 како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и уживаат посебна заштита. Сепак, постои горчлив впечаток дека целиот процес за прогласување заштитени подрачја е премногу избрзан и преголеми површини се опфатени, без при тоа реално да се согледаат последиците по другите гранки и врз населението и без да се осмислат механизми за ублажување на негативните ефекти.

Сепак ако Владата, министерството за животна средина, еколозите и невладините организации навистина сакаат да допринесат за поголема заштита на шумите, во иднина треба да ги отсликаат европските искуства во целост и да обезбедат соодветни државни субвенции за управувачите на тие подрачја и сопствениците на приватни шуми, но и пристап до европските фондови за таа намена.

Приказни од типот дека ќе имаме пристап тие фондови кога ќе влеземе во ЕУ се несериозни, бидејќи ние имаме сериозен проблем како да опстанеме и да ги одржиме функционални институциите до тој момент. Се добива впечаток дека процесите се туркаат пребрзо и дека институциите и населението сеуште не се подготвени да го издржат товарот од имплементацијата на потребните мерки и наметнатите ограничувања.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!