Да се грижиме за шумите, за шумите да се грижат за нас

На Светскиот ден на шумите, кој се одбележува секој 21 март, се потсетува на фактот дека од шумите, како еден од најразновидните билошки екосистеми во кои живеат над 80 отсто од копнените видови и кои покриваат една третина од копнената маса на Земјата, зависат околу 1,6 милијарди луѓе. И покрај тоа, годишно се уништуваат 13 милиони хектари шума.

Светскиот ден на шумите има задача да ја истакна важноста на шумите за човештвото преку нејзините најважни функции – искоренување на сиромаштијата, одржливост на животната средина и безбедност на храната.

Повеќето луѓе ќе се согласат дека шумите се важни. Но ако треба да се објасни зошто, веројатно мнозинството ќе спомнат дека дрвјата го чистат воздухот. Веројатно ќе се спомне и хартијата. Сепак малкумина знаат за многу од суштинските придобивки на шумите.

Од справувањето со сиромаштијата и гладта до ублажување на климатските промени и зачувување на биолошката разновидност, позитивните влијанија на шумите и дрвјата се фундаментални за постигнување на Целите за одржлив развој и за нашето постоење на планетата, а сепак не се нашироко познати.

Експертите велат дека недостигот на знаење веројатно не е сосема изненадувачки. Повеќе од половина луѓе на планетата сега живеат во градовите и урбаните средини, а до 2050 година таа бројка се очекува да порасне до 70 отсто. Како глобална популација, стануваме сè поисклучени од природата и немаме свест и разбирање за шумите и придобивките од нив.

– Времето истекува за светските шуми, чија вкупна површина се намалува секојдневно. Со спречување на уништувањето на шумите, одржливото управување со шумите, враќање на деградираните шуми и зголемување на глобалната шумска површина, потенцијално штетните последици за планетата и луѓето може да се избегнат. Но, за да се постигне тоа, прво мора да се подигне свеста кај младите и возрасните, оние кои донесуваат одлуки денес и оние кои тоа ќе го прават утре. За да се постигне ова, едукацијата треба да одигра клучна улога, вели Хирото Мицуги, помошник генерален директор на Одделот за шуми во Организацијата за храна и земјоделство.

Токму поради тоа овогодинешниот Светски ден на шумите е посветен на едукацијата за шумите.

-Потребен ни е културен премин кон поголема шумска писменост и треба да инвестираме во образование за  шумите, потенцира Мицуги.

Разбирањето и одржувањето на шумите здрави е од суштинско значење за нашата иднина, а подигањето на свеста кај денешните деца за одржлива употреба и зачувување ќе ги поттикне младите луѓе од утрешнината да носат одговорни одлуки за животната средина. Со едукацијата за шумите уште од рана возраст, децата можат подобро да ја разберат виталната улога на шумите и да ги заштитат природните ресурси за идните генерации.

Да се грижиме за шумите, за шумите да се грижат за нас Опсервер: Да се грижиме за шумите

Шумите извор на живот

Идејата за одбележување на Светскиот ден на шумите е промовирана на 23-тата седница на Генералното собрание на Европската конференција за храна и земјоделство во 1971 година, па така 21. март се слави и одбележува како Светски ден на шумите.

Овој ден, ширум светот се одбележува со едукативни акции за заштитата на шумите, производство на садници, пошумување на голини и рекреација во шума. Со цел да го истакне значењето на шумите и екосистемот, како и влијанието на опстанокот на човештвото, Генералното собрание на Европската конференција за храна и земјоделство, го одбра денот на пролетната рамнодневица на јужната Земјина хемисфера, односно денот на есенската рамнодневица на 21. март за Ден на шумите.

Шумите, гледајќи од аспект на актуелните климатски промени, претставуваат најголема фабрика за кислород, неопходен за живиот свет на Земјата. Претставуваат извор на храна и суровини на голем дел од жителите на Земјата, поволно влијаат на климата, режимот на водотеците и ја штитат земјата од ерозија.

Во последно време се зема предвид и социјалната улога на шумите, нејзините општокорисни функции и важноста по здравјето на луѓето. Токму затоа овој ден треба да биде врежан во свеста на луѓето за заштитата на шумите како добро од општествено значење. Но за жал, има и несовесни, па со непланско и диво сечење на шумите се нарушува рамнотежата во природата.

Да се грижиме за шумите, за шумите да се грижат за нас Опсервер: Да се грижиме за шумите

Според податоците на Обединетите нации од површината на земјата, годишно исчезнуваат околу 13 милиони хектари, што се должи на постојано расчистување на шумите за создавање на слободен простор за нови населби и земјоделски површини, фабрики и сообраќајници. Со уништувањето на шумите настануваат еколошки промени со големи последици, пред сè климатски промени, промени на земјиштето и климата и исчезнување на некои видови животни.

Свесни за ова, некои побогати земји ги намалуваат овие последици со воведување на концепт за одржливо стопанисување со шумите, со намалување на непланските сечи, зголемување на степенот на шумовитост и други мерки во согласност со постојните ресурси и потенцијали.

Според последниот извештај на „Глобал форест воч“ над 35 илјади хектари шума се загубени во Македонија во последните 17 години, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрва, Проценките се дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрвја.

Извор: https://opserver.mk/

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!