Боровиот четник ги уништува боровите култури

Боровиот четник со години наназат во повеќе делови од нашата држава зафаќа големи шумски површини под борови култури или култивирани насади. Таков е случајот и оваа година, но и натаму не се знае дали и кога надлежното Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ќе изврши третирања против инсектот. Бидејќи станува за големи пространства, високи стебла и тешко пристапен терен, за сузбивање на овој инсект се врши авиотретирање со инсектициди. Од ЈП „Национални шуми“ посочуваат дека авиотретирањето со инсектицид е во надлежност на МЗШВ.

Загрозени се сите борови насади и култури во нашата држава, но се проценува дека најсериозна е состојбата во прилепско-битолскиот, кумановскиот, кочанскиот, светиниколскиот и штипскиот крај, иако има регистрирани случаи на појава на боров четник и во Велешко.

Според надлежните од МЗШВ, оваа година не е планирано да се врши авиотретирање од објективни причини, а за наредната година ќе се одлучува согласно извештајот за здравствената состојба на шумите и предлог-мерките кој го изготвува Катедрата за заштита на шуми и дрво при Шумарски факултет во Скопје. Авиотретирањето се избегнува, бидејќи е докажано штетното влијание на инсектицидот врз корисните инсекти, како што се пчелите. Освен тоа, штетно влијае и на целокупниот биодиверзитет на шумите, кои се богати со шумски плодови и лековити билки.

Пошумувањето на црниот бор во минатото на несоодветно одбрани локации, како и садење монокултури на големи површини од овој дрвен вид, овозможуваат секоја година да се јавуваат каламитети на боровиот четник и тој постепено да ги уништува овие насади. Ова најдобро се согледува во природните надаси од црн бор, каде поретко се јавува овој инсект, за разлика од вештачко подигнатите насади на помали надморски височини каде константно и во голем обем се јавува боровиот четник.

Од МЗШВ објаснуваат дека единствена поволност против боровиот четник се климатските услови и температурите кои во зимските месеци се спуштаат под нулата. На тој начин по природен пат се намалува неговата популација.

Стручните лица од ЈП „Национални шуми“ сметаат дека според животниот циклус на боровиот четник, авиотретирањето треба да се изведе наесен кога тоа е најефикасно.

Borov cetnik

„Во почетокот на април гасениците ги напуштаат гнездата, се закопуваат под земја и излегуваат на крајот на летото. Од тие причини, најдобро е авиотретирањето да се изведе во септември-октомври, кога има најдобар ефект во уништувањето на боровиот четник“, објаснуваат стручните лица од Секторот за заштита на шумите при ЈП „Национални шуми“.

Авиотретирањето е доста скап и комплициран процес, за кој треба добра организација и поволни временски услови. Во нашата држава авиотретирање за уништување на боровиот четник последен пат било извршено во 2010 година на површина од околу 9.000 хектари и со кое биле опфатени боровите насади и култури во околината на Битола, Крива Паланка, Кочани, Штип, Виница, Прилеп, Свети Николе и Пехчево.

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!